Хрватскиот пејач Мирко Цетински, татко на познатиот музичар Тони Цетински, почина во четвртокот на 78-годишна возраст, по долга и тешка болест. Со неговото заминување завршува животен пат исполнет со шест децении музичка кариера, бројни песни, концерти и настапи низ светот.
Мирко Цетински е роден во 1948 година во Пула, а првпат настапил пред публика во 1962 година, на натпреварот „Прв аплауз“ во родниот град. Шест години подоцна, во 1968 година, го имал и своето деби на фестивалот „Мелодии на Истра и Кварнер“, што претставувало важен чекор во неговото музичко афирмирање.
Значаен пресврт во неговата кариера се случил во 1972 година, кога на Загрепскиот фестивал ја извел песната „Моето лудо срце“. Овој настап му донел нови професионални ангажмани, турнеи и прва златна плоча.
Во текот на годините, Цетински изгради препознатлив музички опус со песни што оставија белег кај публиката. Меѓу неговите познати изведби се „Плачи, плачи, гитаро“, „Појди со мене до Ровињ“ и „На едрење“.
Посебно место во неговото творештво има песната „Viecia Batana“, посветена на Ровињ. Цетински пеел на хрватски и италијански јазик, како и на нивните дијалекти. За изведбата на песната „Kupil sam ti prstenac“ ја освоил и наградата на публиката на фестивалот „Мелодии на Истра и Кварнер“.
Неговата кариера не била ограничена само на настапите во Хрватска. Во текот на музичкиот пат реализирал 24 турнеи низ Соединетите Американски Држави, четири во Австралија и одржал стотици концерти низ Европа.
„Никогаш не престанав да пеам, бидејќи пеењето е мојот живот“, изјавил Цетински во едно интервју, зборови што ја отсликуваат неговата долгогодишна посветеност на музиката.
Покрај музичката кариера, тој имал значајна улога и во медиумскиот живот на Истра. Бил еден од основачите на Радио Ровињ, кое започнало со емитување на 14 февруари 1997 година.
Неговиот придонес за музиката и локалната заедница бил препознаен и од градските власти. Во 2023 година, градот Ровињ му ја доделил Златната медалја за неговиот придонес во музиката и развојот на локалното радио.
Последното испраќање на Мирко Цетински ќе се одржи во кругот на семејството. Блиските побарале сочувството да биде изразено мирно и дискретно, а датумот и местото на комеморацијата ќе бидат објавени дополнително.







