ПРВ.мк
Црна Хроника

Инцидент во средно училиште: Ученик активирал солзавец среде час, соучениците во паника

Инцидент во средно училиште: Ученик активирал солзавец среде час, соучениците во паника

Сериозен инцидент се случил во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“, каде што ученик од четврта година, од насоката сликарски дизајн, активирал солзавец во ателје за време на настава по сликарство.

Според сведоштвото на загрижен родител, инцидентот предизвикал паника и страв кај учениците, кои веднаш се обиделе да побараат помош од одговорните лица во училиштето.

Родителот тврди дека професорот не бил присутен на часот, додека учениците не успеале да стапат во контакт ниту со училишниот психолог ниту со директорот.

Единствена помош, според пријавата, им пружила класната раководителка, која реагирала и презела мерки за заштита на учениците.

Родителите изразуваат незадоволство бидејќи, како што наведуваат, и една недела по инцидентот не биле преземени соодветни мерки.

Тие бараат да се утврди одговорноста за случувањето, како и да се испита постапувањето на надлежните лица во училиштето.

Од Државниот просветен инспекторат потврдиле дека е примена претставка и дека е најавен вонреден инспекциски надзор.

Директорката на Инспекторатот изјавила дека претставката пристигнала претходниот ден и веќе е процесуирана.

По завршувањето на инспекцискиот надзор ќе биде утврдено дали постојат пропусти во постапувањето и дали има основа за преземање дополнителни мерки.

Засега нема информации за евентуални повреди кај учениците, ниту за конкретни санкции поврзани со инцидентот.