ПРВ.мк
Црна Хроника

Нови страшни детали за трагедијата во Богданци: Девојката претходно се спасила бегајќи низ прозорец

Нови страшни детали за трагедијата во Богданци: Девојката претходно се спасила бегајќи низ прозорец

Нови потресни информации за трагедијата во Богданци, каде што беа пронајдени две безживотни тела, откриваат дека на случајот му претходела пријава за физичко насилство и закани по живот кон 17-годишна девојка.

Според официјалните информации од МВР, на 30 септември, по расправија во семејната куќа на нејзиното момче В.Г. (21), девојката наводно била физички нападната и добивала закани по живот доколку се обиде да замине.

Момчето ѝ го оштетило мобилниот телефон за да не може да повика полиција, се наведува во пријавата што следниот ден ја поднел нејзиниот татко.

Во еден момент малолетничката успеала да избега од куќата преку прозорец. На помош ѝ притекнале случајни минувачи, кои повикале полиција, по што девојката била пренесена во болницата во Гевгелија.

По пријавата, 21-годишникот бил лишен од слобода на 1 октомври, а на 14 октомври полицијата поднела кривична пријава против него поради сомнение за телесна повреда.

Еден месец подоцна – двојна трагедија

На 3 ноември, околу 18:40 часот, во месноста „Ичева чешма“ кај Богданци бил пријавен запален автомобил, во чија близина имало безживотно тело.

Полицијата утврдила дека станува збор за В.Г. (21), додека по гаснењето на пожарот во возилото било откриено уште едно изгорено тело.

По наредба на јавен обвинител, телата биле предадени на обдукција за утврдување на идентитетот и причините за смртта.

Надлежните институции продолжуваат со истрагата за целосно расветлување на трагедијата.