ПРВ.мк
Црна Хроника

НОВИ ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ: Како Виктор успеал да ја намами 17-годишната Билјана во ужасна смрт?

НОВИ ШОКАНТНИ ДЕТАЛИ: Како Виктор успеал да ја намами 17-годишната Билјана во ужасна смрт?

Дваесет и едногодишниот Виктор Гунтеров, осомничен за убиството на 17-годишната Билјана, имал активни шестмесечни судски мерки со кои му било забрането да ѝ се приближува и да ја контактира. И покрај изречените ограничувања, девојката го загуби животот во трагичниот настан што се случи на 3 ноември, а околностите под кои се случило убиството сè уште се истражуваат.

Случајот со семејното насилство претходно бил пријавен во полиција од страна на таткото на Билјана, на 30 септември. По пријавата, Центарот за социјални работи во Гевгелија презел соодветни активности и до Основниот суд поднел предлог за изрекување привремени мерки за заштита од семејно насилство.

Судската одлука била донесена на 16 октомври, а три дена подоцна, односно на 19 октомври, била доставена и до Виктор Гунтеров.

Со изречените мерки му било забрането да ја малтретира и вознемирува малолетната девојка, да ѝ се јавува, како и на кој било друг начин директно или индиректно да воспоставува контакт со неа. Дополнително, имал забрана да ѝ упатува закани поврзани со семејно насилство.

Мерките предвидувале и физичко оддалечување, односно Виктор не смеел да ѝ се приближува на помалку од 100 метри од нејзиното живеалиште, ниту до Средното училиште „Богданци“, каде што Билјана била ученичка.

Од Основното јавно обвинителство информираат дека во периодот од донесувањето на судската одлука до трагичниот настан немало пријави дека Гунтеров ги прекршил изречените мерки за заштита.

Сепак, остануваат бројни неодговорени прашања за тоа како, и покрај активната забрана за приближување и контактирање, Виктор успеал да ја одведе Билјана со себе и што точно се случувало во вечерните часови на 3 ноември.

Телата на девојката и на 21-годишниот Виктор биле пронајдени покрај запален автомобил во Богданци. Пожарот во возилото го пријавил жител на градот, по што на местото биле откриени и двете починати лица.

Според првичните информации, постои сомнение дека Виктор ја запалил Билјана, а потоа си го одзел животот со бесење. Сепак, конечните околности и причините за смртта треба да бидат утврдени во текот на истрагата.

Во моментов се очекуваат резултатите од обдукцијата, кои треба да дадат дополнителни одговори за начинот и околностите под кои починала 17-годишната Билјана, како и за смртта на Виктор Гунтеров.

Резултатите од обдукцијата и натамошните истражни дејствија треба да помогнат во расветлувањето на случајот, особено во делот за тоа како се случил настанот и дали претходните мерки за заштита биле прекршени.