Министерството за внатрешни работи веќе располага со првични информации и обезбедени докази за лицата осомничени за синоќешното убиство на 26-годишниот А.М. во скопски Чаир, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во гостување на Канал 5.
Тошковски откри дека еден од осомничените за учество во инцидентот е лице кое во моментов издржува затворска казна.
Според министерот, ова отвора сериозни прашања за функционирањето на пенитенцијарниот систем, а МВР и Јавното обвинителство ќе испитуваат како лице кое издржува затворска казна се доведува во врска со ваков кривично-правен настан.
Убиството се случило синоќа околу 23:30 часот, во близина на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“ во Скопје.
Според информациите од МВР, две лица кои се движеле со мотоцикл отвориле оган кон група од петмина млади луѓе кои стоеле пред излог на фирма.
Во пукањето бил погоден 26-годишниот А.М. од Скопје. Тој бил пренесен во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, каде што подоцна им подлегнал на повредите.
Според досегашните сознанија, случајот не се поврзува со пресметка меѓу организирани криминални групи за превласт на теренот. Мотивот за нападот и околностите што му претходеле сè уште се утврдуваат.
Тошковски ги отфрли и споредбите што се појавија на социјалните мрежи дека Скопје наликува на „Дивиот Запад“. Тој посочи дека бројот на насилни кривични дела и активностите на криминалните групи се значително намалени во споредба со претходните периоди, но призна дека ваквите случаи предизвикуваат оправдана загриженост кај граѓаните.
Министерот порача дека никој не е недопирлив и најави брза и ефикасна истрага со цел сите одговорни за убиството да бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.
Истрагата на МВР и Јавното обвинителство продолжува, а надлежните работат на целосно расчистување на случајот и утврдување на улогата на сите лица поврзани со инцидентот.







