Седумнаесетгодишна девојка го загубила животот во тешка сообраќајна несреќа што се случила на патот Битола–Прилеп, кај местото викано „Туланата“. Во несреќата биле повредени и повеќе лица, меѓу кои три лица со тешки телесни повреди.
Според информациите од СВР Битола, сообраќајката била пријавена на 19 септември 2026 година, во 18:29 часот. Во несреќата учествувале две патнички возила – „опел“ со битолски регистарски ознаки, управуван од 28-годишниот Е.Ф. од прилепското село Канатларци, и „форд“, исто така со битолски регистарски ознаки, управуван од 48-годишниот М.Н. од селото Долно Српци, Општина Могила.
По силниот судир, на местото на несреќата животот го загубила 17-годишната девојка, која била сопатничка во „опелот“. Смртта ја констатирал лекар од Итната медицинска помош од Битола.
Тешки телесни повреди претрпеле возачот на „опелот“, како и 44-годишната Д.Н. и седумгодишно дете од Долно Српци, кои се наоѓале како сопатници во „фордот“. Тие биле пренесени во Клиничката болница во Битола, каде што биле констатирани нивните повреди.
Повреден бил и 48-годишниот возач на „фордот“.
По несреќата, на местото бил извршен увид од увидна екипа на СВР Битола, а се преземаат мерки за утврдување на околностите и причините поради кои дошло до трагичниот судир.






