ПРВ.мк
Црна Хроника

НЕЈАСНО ШТО СЕ СЛУЧИЛО: Висок функционер паднал од трет кат - еве во што се сомнева полицијата!

НЕЈАСНО ШТО СЕ СЛУЧИЛО: Висок функционер паднал од трет кат - еве во што се сомнева полицијата!

Висок функционер на полското Министерство за надворешни работи бил тешко повреден откако во текот на ноќта паднал низ прозорец од третиот кат на зграда во близина на полската амбасада во Љубљана. Полското Министерство за надворешни работи ја потврдило несреќата, но засега нема официјално објаснување како дошло до падот.

Станува збор за функционер кој работи во Одделот за дипломатска безбедност при полското МНР. Според пишувањата на полскиот портал „Niezależna“, тој веќе неколку дена се наоѓа во болница во Словенија и е во критична состојба. Овој податок, сепак, досега не е официјално потврден од полското Министерство за надворешни работи.

Портпаролот на МНР, Мачеј Вевјур, потврдил дека функционерот во моментот на несреќата бил на приватен годишен одмор. Тој престојувал во стан во близина на дипломатското претставништво.

Случајот добил дополнително внимание поради наводите објавени од „Niezależna“, според кои, иако функционерот формално бил на одмор, постоела можност неговиот престој во Љубљана да не бил исклучиво од приватен карактер.

Порталот, повикувајќи се на свои извори, тврди дека функционерот во полското Министерство за надворешни работи презел документација поврзана со дипломатска пратка која требало да биде доставена понатаму. Според истите наводи, за оваа задача наводно немал официјално издаден службен пат.

Овие информации засега немаат независна потврда. Полското МНР ја потврдило несреќата и фактот дека функционерот бил на годишен одмор, но не ги потврдило тврдењата поврзани со наводната дипломатска пратка.

Засега не е познато ниту дали евентуалната пратка има каква било поврзаност со падот од зградата.

Функционерот е вработен во Одделот за дипломатска безбедност, кој има значајна улога во безбедносниот систем на полското Министерство за надворешни работи.

Според официјалните податоци, овој оддел ја координира и надгледува безбедноста на објектите на Министерството во Полска, како и на полските дипломатски претставништва во странство. Во неговите надлежности спаѓаат физичката и техничката заштита на објектите, безбедноста на информациите и постапувањето во криз ситуации.

Околностите под кои дошло до падот во Љубљана засега остануваат неразјаснети, а нема официјални информации дека настанот е поврзан со неговите службени активности.