Пет малолетници физички нападнале дете пред влезот на основно училиште во скопското село Рашче, при што му нанеле тешки телесни повреди, информира Министерството за внатрешни работи.
Според полицискиот билтен, случајот бил пријавен вчера во 10:05 часот во СВР Скопје од страна на 37-годишната Н.К. од Рашче, мајка на нападнатото дете.
Таа пријавила дека инцидентот се случил претходната вечер, околу 21:40 часот, пред влезот на основното училиште во селото. Нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од пет малолетници, кои, според пријавата, употребиле и тврди предмети.
Во нападот детето се здобило со тешки телесни повреди.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на сите околности поврзани со инцидентот.






