Во текот на 19 декември 2025 година, во СВР Скопје биле пријавени три одделни случаи на пожари на различни локации низ главниот град, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Првиот случај се однесува на опожарување на тенда од обложувалница на подрачјето на Карпош. Како што соопштува МВР, пожарот настанал на 16 декември во периодот меѓу 18:00 и 19:00 часот, а бил пријавен на 19 декември. Во инцидентот нема повредени лица, а полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.
Истата ноќ, во 00:40 часот, 53-годишниот А.А. од Скопје пријавил дека додека управувал патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки на улицата „Христо Татарчев“ во општина Кисела Вода, избувнал пожар во возилото. Нема повредени лица, а огнот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје. На местото бил извршен увид.
Неколку часа подоцна, во 06:49 часот, 52-годишниот Г.Ј. од Скопје пријавил уште еден пожар во патничко возило „опел“, исто така на улицата „Христо Татарчев“. И во овој случај нема повредени, пожарот бил навремено изгаснат од противпожарните служби, а надлежните органи извршиле увид.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за утврдување на причините за настанување на пожарите и за целосно расчистување на сите три случаи.
















