ПРВ.мк
Црна Хроника

НЕВРЕМЕТО ГИ ЗАТЕКНАЛО НА ПИРИБЕГ: Двајца странски државјани побарале помош - ЦУК веднаш реагирале!

НЕВРЕМЕТО ГИ ЗАТЕКНАЛО НА ПИРИБЕГ: Двајца странски државјани побарале помош - ЦУК веднаш реагирале!

Двајца странски државјани кои планинареле кон врвот Пирибег и биле затекнати од неповолни временски услови се пронајдени во добра здравствена состојба и транспортирани кон Штрпце, на територијата на Република Косово. Центарот за управување со кризи (ЦУК) ја координирал комуникацијата со надлежните служби од двете земји за нивно безбедно извлекување.

Пријавата за планинарите била примена денеска во 08:22 часот преку Единствениот број за итни повици 112. Двајцата се засолниле во планинарски објект во близина на границата со Косово, но на територијата на Северна Македонија.

По проверката на пристапноста до локацијата било утврдено дека од македонска страна до објектот може да се стигне единствено пеш, а поради временските услови патувањето би траело повеќе од шест часа во еден правец. Хеликоптерска интервенција од македонска страна не била можна поради дождот и маглата. Од косовска страна, пак, постои пристапен пат од скијачкиот центар Брезовица до местото каде што биле засолнети планинарите.

Веднаш по добивањето на пријавата, Регионалниот центар за управување со кризи – Тетово ги известил надлежните служби, меѓу кои Полициската станица Теарце, Центарот за итни случаи – Тетово и подрачното одделение на Дирекцијата за заштита и спасување во Тетово, како и раководителот на РЦУК – Тетово.

Истовремено, Дежурниот оперативен центар при ЦУК ги известил раководителот на одделението, помошник-раководителот на СОК и Кабинетот на директорот.

По насоки на директорот на ЦУК, раководителот на РЦУК – Тетово стапил во контакт со ЈП „Национални шуми“ – подружница Тетово. Оттаму било најавено дека ќе бидат известени колегите од Косово за преземање активности за безбедно извлекување на планинарите. Поради полесниот пристап од косовска страна, било оценето дека најсоодветно решение е лицата да бидат преземени со возило преку постојниот пристапен пат.

Во координацијата била вклучена и Службата за пребарување и спасување во планина на Косово.

Во 11:45 часот, Дежурниот оперативен центар при ЦУК воспоставил директна комуникација со едно од лицата преку телефонски разговор и СМС-порака. На планинарот му било пренесено дека екипа од Косово ќе пристигне за да ги извлече безбедно.

Според информациите добиени во 14:21 часот од косовската служба за пребарување и спасување во планина, нивните екипи биле во постојан контакт со двајцата странски државјани. Тогаш било потврдено дека се во добра здравствена состојба, а нивното извлекување се очекувало околу 16:00 часот.

Во 16:50 часот, ЦУК добил потврда дека двајцата планинари се пронајдени во добра здравствена состојба и се транспортираат кон локација во Штрпце, Република Косово.

Во текот на целата акција, Центарот за управување со кризи ја координирал комуникацијата со надлежните служби од Северна Македонија и Косово, со цел безбедно извлекување на двајцата странски државјани.

Најнови вести