ПРВ.мк
Скопје

(ФОТО) ПОРАКА ЗА ЖИВОТ И ХУМАНОСТ: Велес се приклучи кон иницијативата, министерот ги истакна донорите и здравствените работници

(ФОТО) ПОРАКА ЗА ЖИВОТ И ХУМАНОСТ: Велес се приклучи кон иницијативата, министерот ги истакна донорите и здравствените работници

По повод Европскиот ден на донирањето органи, ткива и клетки, вчера и вечерва во зелена боја беа осветлени зградата на Владата и повеќе објекти низ државата. Со оваа симболична иницијатива се испраќа порака за надеж, солидарност и можноста за нов живот преку органодарителството.

Во иницијативата се вклучија објекти во Скопје, Прилеп, Струга, Велес, Тетово, Кавадарци, Дебар, Кочани, Струмица и други градови. Зелената боја е симбол на надежта и поддршката за сите пациенти на кои трансплантацијата може да им го промени животот.

Зад секоја трансплантација стојат човечки приказни, храброст и одлуки донесени во исклучително тешки моменти. Донирањето органи може да значи спас за еден човек и нова шанса за живот за неговото семејство.

Посебна благодарност им се упатува на донорите и нивните семејства, чии одлуки можат да спасат туѓ живот, како и на живите дарители кои одлучиле да му помогнат на свој близок со дарување дел од себе.

Признание заслужуваат и трансплантационите тимови, координаторите и сите здравствени работници кои учествуваат во сложените медицински интервенции, често работејќи во текот на ноќта и без прекин. Благодарност се упатува и до општините и институциите што се приклучија кон иницијативата и ги осветлија своите објекти во зелено.

Разговорот за органодарителството може да спаси живот

Една од најважните пораки на иницијативата е дека органодарителството започнува со разговор во семејството. Отвореното споделување на личната одлука им помага на најблиските да ги разберат желбите на човекот и да не се соочуваат со неизвесност во најтешките моменти.

Секој донор претставува надеж за пациент кој чека шанса за нов живот. Со подигање на свеста за значењето на донирањето органи, ткива и клетки, се поттикнува солидарноста и се отвора можност за спасување човечки животи.

Пораката што ја испраќа зеленото осветлување е јасна: секоја одлука за дарување може да донесе надеж, а секој разговор за органодарителството може да биде важен чекор кон нов живот.

Најнови вести