Четиринаесетгодишен ученик бил повреден со остар предмет во основно училиште на подрачјето на Бит Пазар во Скопје, откако бил нападнат од свој соученик.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 24 септември во 13 часот во СВР Скопје од 43-годишната Ф.А. од Скопје.
Таа пријавила дека истиот ден, околу 9 часот, нејзиниот 14-годишен син бил нападнат од соученик додека се наоѓал во тоалетот на основното училиште.
Според пријавата, соученикот употребил остар предмет и му нанел расекотина на раката на 14-годишникот.
Засега не се соопштени повеќе информации за причините што му претходеле на инцидентот. Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.









