На музичкиот фестивал Fête de la Musique, кој се одржуваше во Франција, повеќе од 100 жени биле нападнати со шприцеви, но сè уште не е познато што им било вбризгано. Од случаите, 21 напад се пријавени во Париз, каде што полицијата уапсила 12 осомничени лица. Некои од жртвите се хоспитализирани и се спроведуваат токсиколошки анализи, а некои се пожалиле на симптоми како слабост.
Четири лица се уапсени и во западниот град Ангулем поради напад на околу 50 лица со шприцеви. Фестивалот, кој е популарен и меѓу туристите, особено од Велика Британија, оваа година беше одбележан и со немири, судири меѓу младински групи, напади врз полицијата и уништување на имот.
Вкупно 371 лице беше приведено низ Франција, од кои 89 само во Париз, а околу 1.500 посетители претрпеле полесни повреди. Инцидентите ги засенија музичките настани и атмосферата на фестивалот.