Ревијата „Стрип-креатор“ број 38, издание на Македонскиот стрип-центар од Велес, финансиски поддржана од Министерството за култура и туризам, е избрана меѓу седумте најдобри стрип-списанија кои ќе бидат претставени на фестивалот „Supertoon“ во Шибеник, Хрватска. Изданијата се избрани од вкупно 21 пристигнато списание од Европа и пошироко.
Покрај „Стрип-креатор“, во потесната конкуренција се и „OHOHOzine“, „Стрип-префикс“ и „Ирационалист“ од Хрватска, „Рас комик“ од Србија и „Винтарт“ и „Вирџина“ од Црна Гора.
Томе Трајков, програмски координатор на Стрип-центарот, истакнува дека фестивалот е посветен на стрип-изданијата, а исто така се одржува и конкурс за стрип-книги и фанзини со учество на изданија од различни земји.
Трајков ќе присуствува на фестивалот од 21 до 25 јули и ќе организира панел-промоција за македонската стрип-сцена, како и неформални средби со останатите гости, што отвора нови можности за меѓународна соработка и промоција на македонските стрип-издавачи.