Министерството за внатрешни работи објави детали за трагедијата во Богданци, каде што на 3 ноември беа пронајдени две безживотни тела, едното во запален автомобил, а другото во негова близина.
Според полицијата, во 18:40 часот граѓанин пријавил опожарено возило на местото викано „Ичева чешма“, во Горно Село кај Богданци.
По пристигнувањето на полициските службеници било утврдено дека во близина на автомобилот се наоѓа безживотното тело на В.Г. (21) од Богданци. По изгаснувањето на пожарот, во возилото било откриено уште едно изгорено тело.
Обвинителството наредило обдукција за утврдување на идентитетот и причините за смртта.
Девојката претходно избегала низ прозорец по физички напад
Од МВР потврдуваат дека на 1 октомври таткото на 17-годишната девојка пријавил сериозен инцидент што се случил претходната вечер во семејната куќа на В.Г.
Според пријавата, по вербална расправија меѓу девојката и нејзиното момче, 21-годишникот физички ја нападнал и ѝ упатувал закани по живот доколку ја напушти куќата.
Момчето ѝ го оштетило и мобилниот телефон со цел да ја спречи да повика полиција, се наведува во информациите од МВР.
Малолетничката успеала да избега преку прозорец, по што случајни минувачи ѝ помогнале и повикале полиција. Таа била пренесена во Итната медицинска помош во Гевгелија.
По пријавата, В.Г. бил приведен на 1 октомври, а против него била започната постапка поради сомнежи за сторено кривично дело.
Обвинителството ги утврдува причините за смртта
По откривањето на двете тела, јавен обвинител од Гевгелија извршил увид и наредил дополнителни истражни дејствија.
Надлежните треба да утврдат што точно се случило пред трагедијата и под кои околности настапила смртта на двете лица.
Иако првичните индиции на Обвинителството упатуваат на убиство и самоубиство, конечните заклучоци ќе зависат од обдукцијата и резултатите од истрагата.







