Низа неодговорени прашања се отвораат околу смртта на 39-годишниот Ј.И. од Струмица, кој на 31 август беше пронајден починат во кругот на Клиничката болница во Битола.
Како што објавува „Журнал.мк“, повикувајќи се на прилог на „Телма“, неколку часа пред да биде пронајдено неговото тело, камера снимила маж како го влече 39-годишникот по калдрмата на Широк Сокак, додека тој бил во бесознание. Според објавените информации, Обвинителството потврдило дека лицето на снимката е истиот човек кој подоцна бил пронајден мртов.
Обвинителството во текот на ноќта било усно известено за тепачка во близина на местото каде што била направена снимката, но според „Телма“, до него не било доставено писмено известување од полицијата за настанот.
Првичните сознанија покажуваат дека по инцидентот струмичанецот се јавил на преглед во Ургентниот центар на битолската болница. Бил упатен на дополнителни испитувања, но засега останува нејасно дали ги направил, кога ја напуштил болницата и каде се наоѓал во часовите што следувале.
Околу 12 часа подоцна, на 31 август во 12:15 часот, во СВР Битола било пријавено дека Ј.И. е пронајден починат во кругот на Клиничката болница.
Лекар од Итната медицинска помош ја констатирал смртта, а по наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција.
„Телма“, повикувајќи се на неофицијални информации, објави дека можна причина за смртта е срцев застој. Сепак, ова засега не е официјално потврдено, а резултатите од обдукцијата не се објавени.
Остануваат повеќе прашања – кој е човекот што го влечел 39-годишникот, што точно се случило пред снимката, како го поминал периодот до неговото пронаоѓање и дали евентуалната пресметка има каква било поврзаност со смртта.
Надлежното обвинителство ги испитува сите околности, а конечната причина за смртта треба да биде утврдена по завршувањето на обдукцијата и истрагата.









