Руските вооружени сили извршиле напади со беспилотни летала врз два брода во Црното Море за кои Москва тврди дека превезувале оружје, муниција и друга воена опрема наменета за украинската армија.
Според соопштение на руското Министерство за одбрана, пренесено од ТАСС, една од целите бил брод за превоз на рефусен товар, за кој руската страна тврди дека превезувал оружје и муниција за украинските сили.
Втората цел, според истото соопштение, бил контејнерски брод кој наводно превезувал воена опрема за Киев.
„Руските вооружени сили продолжуваат да изведуваат групни напади врз пловни објекти и капацитети на пристанишната инфраструктура што им припаѓаат на украинските вооружени сили“, соопшти руското Министерство за одбрана.
Москва тврди дека ова не е прв ваков напад во последните денови. Руските сили претходно со борбени дронови гаѓале и товарен брод за кој тврдат дека испорачувал воена опрема во Украина.
Како цели биле наведени и три резервоари за гориво во пристаништето Измаил, во регионот на Одеса, кои според руското Министерство за одбрана биле користени од украинската војска.
Засега нема независна потврда за руските тврдења за товарот на двата брода, ниту за точниот обем на штетата предизвикана во нападите.








