Телото на поранешниот командант на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, кој почина во Хаг, денеска во доцните попладневни часови треба да пристигне во Србија, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, објави „Скопје1“.
„Според моите последни информации, телото е преземено и се очекува во доцните попладневни часови да пристигне во Србија“, изјави Вучиќ.
Според него, пред српските безбедносни служби претстои сложена задача, бидејќи проценките се дека на погребот би можеле да присуствуваат десетици илјади луѓе.
Вучиќ посочи дека проценките се направени од Безбедносно-информативната агенција, Воено-безбедносната агенција, Воено-разузнавачката агенција и Министерството за внатрешни работи.
„Мораме да обезбедиме сè. Пред нашите служби е многу сложена задача и ќе ги употребиме сите расположливи сили за да ја гарантираме безбедноста на сите граѓани“, рече Вучиќ.
Тој не сакаше да открива детали за времето и местото на погребот, посочувајќи дека тие информации ќе ги соопшти семејството на Младиќ.
Српските власти, според најавите, ќе обезбедат логистичка и транспортна поддршка, а ќе бидат преземени и засилени мерки за одржување на јавниот ред и безбедноста.
Ратко Младиќ беше правосилно осуден на доживотен затвор од меѓународниот суд во Хаг за геноцидот во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства извршени за време на војната во Босна и Херцеговина.








