Безживотно тело на девојка е пронајдено во куќата во која живеела во селото Лешан, во општина Сува Река, а полицијата покрена истрага за утврдување на сите околности на овој случај.
Како што потврди портпаролот на полицијата за регионот на Призрен, Шаќир Битиќи, полицијата за настанот била известена на 25 ноември околу 7 часот наутро, кога дежурен лекар од Главниот центар за семејна медицина во Сува Река пријавил дека во семејна куќа во селото Лешан е пронајдено тело на лице од женски пол без знаци на живот.
– Полициската станица во Сува Река прими информација од дежурниот лекар, кој се наоѓал на местото на настанот во селото Лешан, дека во куќата е пронајдено тело на лице од женски пол без знаци на живот – изјави Битиќи.
На местото на настанот излегле полициски единици, регионални истражители и форензички експерти од Институтот за судска медицина од Приштина. По наредба на дежурен обвинител, телото е пренесено во Институтот за судска медицина заради натамошни прегледи и обдукција.
Во консултација со обвинителството е отворен предмет што се води како „истрага на смрт“, а полицијата во соработка со Основното обвинителство во Призрен ги презема сите неопходни истражни дејствија за целосно расветлување на случајот.







