Главното државно обвинителство во Карлсруе издаде налог за апсење на тројца германски државјани поради сомнение дека подготвувале терористички напади со екстремно десничарска заднина, а истовремено е извршен претрес на 10 локации кои се поврзуваат со забранетата организација „Терор 18“.
Властите ги товарат тројцата уапсени за членство во терористичката организација „Терор 18“, чија цел е извршување тешки напади насочени против германскиот уставен поредок. Сите тројца осомничени се малолетници на возраст од само 14 и 15 години.
Како што пренесуваат германските медиуми, во рамките на групата веќе постоеле конкретни планови за напад врз прифатен центар за бегалци во сојузната покраина Долна Саксонија. Полициски рации биле спроведени на десетина локации низ цела Германија.
„Членовите на оваа група ги поврзува длабоко неприфаќање на политичкиот и демократскиот поредок во Сојузна Република Германија. За да се борат против државата што ја мразеле и да шират несигурност меѓу населението, здружението на обвинетите си поставило за цел да изврши најтешки кривични дела во име на групата „Терор 18“, особено подметнување пожари и насилни акти, вклучувајќи и целни ликвидации на странци и политички противници“, се наведува во соопштението на Главното државно обвинителство, кое ги презема случаите при сомнение за загрозување на уставниот поредок.
Истовремено е покрената истрага против уште тројца осомничени членови на истата организација. Сите осомничени се третираат како помлади лица на возраст зрела за преземање кривична одговорност. Од обвинителството посочуваат дека членовите на „Терор 18“ покажуваат висок степен на радикализација која се одвива со голема брзина.
Бројот 18 во екстремно десничарските кругови претставува симбол за иницијалите на Адолф Хитлер (според првата и осмата буква од абецедата).






