Две финансиски друштва добија парични глоби и привремена забрана за одобрување кредити во период од 30 дена, откако Министерството за финансии утврдило неправилности во нивното работење.
Вонредниот надзор бил спроведен во изминатите три месеци, по пријави од граѓани. Од Министерството не ги откриваат имињата на друштвата, видот на прекршоците, ниту висината на изречените глоби.
Според податоците на ресорното министерство, од јули 2024 година досега се одземени четири дозволи за работа, а три финансиски друштва добиле мерки за привремено затворање.
Во истиот период, на 18 финансиски друштва им биле изречени глоби во вкупна вредност од околу 49.400 евра, а издадени биле и 58 писмени наредби за отстранување на утврдените неправилности.
Граѓаните кои сметаат дека се оштетени или имаат сознанија за незаконско работење можат да поднесат пријава преку архивата на Министерството за финансии, по пошта или по електронски пат.
Од Министерството најавуваат продолжување на засилените контроли, со цел поголема транспарентност во работењето на финансиските друштва и заштита на корисниците на брзи кредити.




