На судењето во Белград за масакрот што го изврши Урош Блажиќ на 4 мај 2023 година, јавноста беше длабоко потресена од сведочењето на Билјана Митровиќ, мајката на покојниот Петар Митровиќ, кој им подлегна на повредите две недели по нападот.
Блажиќ во масакрот уби девет млади луѓе, а Петар, иако преживеа во првите денови, почина на 23 јуни 2023 година по две недели борба за живот.
„На 4 мај работев прва смена во пекара. Петар тој ден беше со мене дома, завршувавме домашни работи. Тој беше дете кое неизмерно ги сакаше животните, ги хранеше кучињата скитници кои го следеа до дома. Вечерта ми рече дека оди во градот да се види со пријател. Кога бев во бањата, се слушнаа истрели“, раскажа неутешната мајка.
Таа опиша како по пукањето, на местото владеел хаос, плач и очај.
„Кога стигнавме, децата молеа за помош. Моите деца веќе го изнесоа Петар. Не видов крв, но видов дека не е добро. Го носеа брзо, Петар ги молеше да запрат, велеше дека не може повеќе да издржи. Мислевме дека е спасен“, рече таа.
Петар бил пренесен во болницата „Драгиша Мишовиќ“, реанимиран, а потоа префрлен во Ургентниот центар, каде бил во кома две недели.
„Кога се разбуди, не можеше да зборува. Комунициравме со очите. Ме праша кој го застрелал. Му реков дека тоа бил човек од Доња Дубона. Мислев дека ќе можам да ги видам тие зли очи. За жал, една недела подоцна почина“, изјави Митровиќ низ солзи.
Обраќајќи му се директно на обвинетиот, таа со болка порача:
„Ни го одзеде целото богатство што го имавме. Го носев девет месеци, а ти дојде и го уништи. Сакам да живееш живот на страдање, како што страдаше мојот син.“
Сведочењето ја расплака судницата и уште еднаш ја потсети јавноста во Србија на длабоката траума и болката што ја остави масакрот во Младеновац.

















