ПРВ.мк
Црна Хроника

Паднал во морето и се заплеткал меѓу јажиња: Трагичен крај за 27-годишен морнар

Паднал во морето и се заплеткал меѓу јажиња: Трагичен крај за 27-годишен морнар

Голема трагедија го потресе Дубровник откако од Шпанија пристигна веста за смртта на 27-годишниот морнар Доминик Видош, кој загинал во несреќа во пристаништето во Валенсија.

Несреќата се случила во понеделникот, 24 август, околу 17:30 часот, додека траеле работите за проширување на пристаништето. Младиот морнар работел како втор офицер во компанијата „Jan De Nul Group“.

Според информациите од шпанските медиуми, Доминик под засега нецелосно утврдени околности паднал во морето, по што се заплеткал меѓу јажиња.

На местото веднаш пристигнале припадници на пристанишната полиција, шпанската Цивилна гарда и екипи на Итната медицинска помош. И покрај брзата интервенција, за 27-годишникот немало спас и лекарите ја констатирале неговата смрт.

Криминалистичката полиција на Цивилната гарда започнала истрага која треба да покаже како точно дошло до трагичната несреќа.

Од конзорциумот задолжен за изградбата на новиот контејнерски терминал во Валенсија потврдиле дека загинатиот бил вработен во компанијата ангажирана на проектот. Изразиле длабоко сочувство до неговото семејство, пријателите и колегите и соопштиле дека целосно соработуваат со истражните органи.

Веста предизвикала голема тага во Дубровник, каде што бројни пријатели и сограѓани преку социјалните мрежи се простуваат од младиот морнар.

Особено емотивна порака пристигнала од дубровничката Порпорела, со која Доминик бил силно поврзан.

„Ова не е збогум, ова е довидување, брате“, гласи дел од прошталната порака.