Попладнево во Кочани, точно во 14:05 часот, започна 34-тиот по ред протестен „Марш за ангелите“, на кој родителите на загинатите и бројни граѓани уште еднаш ја изразија својата болка, револт и незадоволство од, како што велат, недоволната одговорност за трагичниот настан во дискотеката „Пулс“.
„Не сме тука по навика, ниту од инает. Тука сме затоа што молкот не е опција. Одиме за нашите деца, за 63 ангели чии животи беа насилно прекинати, за младите кои требаше да имаат иднина, соништа и живот“, порача еден од родителите на загинатите. Тој нагласи дека маршот не е само симболичен чин на тишина, туку гласен крик за правда. „Ова е тишина што одекнува“, рече тој.
Родителите посочија дека времето не ја ублажува болката, а дополнителна тежина носи чувството дека правдата се одложува. Особено беше истакнато дека дел од службените лица од Министерството за внатрешни работи, кои имале законска обврска да постапуваат, сè уште не се соочиле со обвиненија.
„Селективната правда не може да се нарече правда. Молчењето не е неутрално, а одолговлекувањето не е случајно. Нашето барање е јасно – целосна одговорност и правда веднаш“, порача родителот.
Маршот помина мирно, а учесниците носеа запалени свеќи и транспаренти како симбол на сеќавање на жртвите и постојан повик до институциите да преземат конкретни чекори и да ја утврдат одговорноста за трагедијата.
















