ПРВ.мк
Црна Хроника

(ФОТО) ПОЧИНА ПОЗНАТАТА АКТЕРКА: Смртта била медицински потпомогната!

(ФОТО) ПОЧИНА ПОЗНАТАТА АКТЕРКА: Смртта била медицински потпомогната!

Американската актерка Барбара Бери, која беше номинирана за Оскар за споредната улога во филмот „Breaking Away“, почина на 95-годишна возраст. Таа починала во средата, на 28 октомври, во својот дом на Менхетен, откако ѝ бил дијагностициран терминален карцином. Веста за нејзината смрт ја потврдила нејзината ќерка Џејн Харник за „Њујорк тајмс“.

Смртта на актерката била медицински потпомогната, во согласност со законските прописи на сојузната држава Њујорк кои ја регулираат медицинската помош при крајот на животот. Нејзиниот претставник потврдил дека Бери ја поддржувала оваа законска можност и јавно се залагала за неа.

Барбара Ен Берман, како што гласело нејзиното родено име, е родена на 23 мај 1931 година во Чикаго. Во текот на кариерата, која траела повеќе од шест децении, оставила значаен белег во филмот, телевизијата и театарот. Публиката ја памети по топлите и емотивни ликови, особено по улогите на мајки и баби, кои ги толкувала со суптилност и природност.

Една од нејзините најпознати улоги беше во драмата „Breaking Away“ од 1979 година, каде што ја играше мајката на главниот лик. Филмот доби пет номинации за Оскар, меѓу кои и онаа за најдобра споредна актерка за Бери.

Приказната во филмот се фокусира на четворица млади мажи од американската сојузна држава Индијана, кои по завршувањето на средното училиште се обидуваат да го пронајдат својот пат во животот.

Нејзиниот актерски талент бил препознаен многу порано. Во 1964 година ја освои наградата за најдобра актерка на Канскиот филмски фестивал за улогата во филмот „One Potato, Two Potato“. Станува збор за драма што ги обработува меѓурасната љубов и предрасудите во американското општество.

Во текот на следните години, Бери продолжила да гради разновидна актерска кариера, појавувајќи се и во филмовите „Private Benjamin“ и „Judy Berlin“.

Нејзиниот успех не бил ограничен само на големото платно. Таа имаше богата телевизиска кариера, а пошироката публика ја памети и по сериите „Barney Miller“ и „Suddenly Susan“. Во втората серија ја толкуваше бабата на ликот што го играше Брук Шилдс.

За својата работа на телевизија добила повеќе номинации за наградата Еми. Нејзиниот театарски ангажман, пак, ѝ донел номинација за престижната награда Тони за улогата во оригиналната бродвејска продукција на мјузиклот „Company“, чие дело е на композиторот и текстописец Стивен Сондхајм.

Покрај актерската кариера, Бери отворено зборувала и за своите здравствени проблеми. Во 1994 година ѝ бил дијагностициран рак на ректумот. Подоцна, врз основа на сопственото искуство, напишала две книги и се залагала за рано откривање на колоректалниот карцином.

Во 2014 година открила дека боледува и од идиопатска белодробна фиброза.

Во приватниот живот, во 1964 година се омажила за актерот и продуцент Џеј Харник. Во бракот добиле две деца, Џејн и Арон. Нејзиниот сопруг починал во 2007 година.

Зад Барбара Бери остануваат нејзините две деца и трите внуки, како и богато актерско наследство составено од филмски, телевизиски и театарски улоги што ја одбележаа нејзината кариера долга повеќе од шест децении.

Најнови вести