ПРВ.мк
Црна Хроника

Фемицид во Богданци: 17-годишната Билјана претходно пријавувала насилство, семејството открива потресни детали

Фемицид во Богданци: 17-годишната Билјана претходно пријавувала насилство, семејството открива потресни детали

Седумнаесетгодишната Билјана Кириќ е девојката за која се известува дека го загубила животот во трагедијата во Богданци, каде што на 3 ноември беа пронајдени две безживотни тела.

Според „Слободен печат“, кој разговарал со член на нејзиното семејство, Билјана подолг период била изложена на физичко насилство и закани од нејзиното момче, 21-годишниот Виктор Гунтаров.

Членот на семејството тврди дека девојката сакала да ја прекине врската, но не успеала да се оддалечи од него.

„Беше мило девојче. Учеше средно медицинско училиште. Одеше на пракса во гевгелиската болница. Долго ја малтретираше“, изјавил вознемирениот член на семејството за „Слободен печат“.

Претходно избегала низ прозорец за да се спаси

Според официјалните информации од МВР, на 30 септември Билјана била физички нападната во куќата на своето момче, по што добивала закани по живот.

Момчето ѝ го оштетило мобилниот телефон за да не може да повика полиција. Девојката успеала да избега преку прозорец, а случајни минувачи ѝ помогнале.

Против 21-годишникот на 14 октомври била поднесена кривична пријава за телесна повреда.

Според Обвинителството, по пријавата од 16 октомври за загрозување на сигурноста била започната постапка, а во граѓанска постапка му биле определени и мерки за заштита од семејно насилство.

Обвинителството испитува убиство и самоубиство

На 3 ноември, во месноста „Ичева чешма“ кај Богданци, полицијата пронашла запален автомобил со безживотно тело во него, а во близина било откриено телото на 21-годишниот Гунтаров.

Првичните индиции на Обвинителството упатуваат на убиство и самоубиство, но конечните околности треба да бидат утврдени со истрагата и обдукцијата.

Се бара одговорност од институциите

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство побара итна, темелна и независна истрага, вклучително и проверка дали надлежните институции ги презеле сите потребни мерки за заштита на девојката.

Организацијата повторно ја отвори и дебатата за законските измени и зајакнувањето на системот за заштита на жртвите од семејно и родово базирано насилство.