Над илјада пациенти во Појасот Газа починале додека чекале медицинска евакуација, соопшти генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус.
Според неговата објава на социјалната мрежа „X“, во периодот од јули 2024 година до 28 ноември 2025 година починале најмалку 1.092 лица кои не успеале навреме да бидат евакуирани за лекување. Тој нагласи дека овие податоци, доставени од Министерството за здравство на Газа, најверојатно не ја отсликуваат целосно реалната состојба на терен.
Гебрејесус информираше дека од октомври 2023 година досега, СЗО заедно со партнерските организации успеале да евакуираат над 10.600 тешко болни пациенти од Газа, од кои повеќе од половината, односно околу 5.600, се деца со потреба од интензивна медицинска нега.
И покрај овие напори, според проценките на СЗО, над 16.500 жители на Газа сè уште имаат итна потреба од медицинска евакуација.
Директорот на СЗО упати апел до меѓународната заедница, повикувајќи повеќе држави да прифатат пациенти од Газа, како и да се забрзаат медицинските евакуации од Западниот Брег, вклучувајќи го и Источен Ерусалим.
Иако примирјето во Газа стапи на сила на 10 октомври со посредство на САД, според медиумските извештаи, процесот на медицинска евакуација и понатаму се одвива премногу бавно.
















