Два авиона се судриле во саботата вечерта, 14 ноември, на меѓународниот аеродром во Мајами, Флорида, при што две лица се здобиле со полесни повреди.
Во инцидентот учествувале патнички авион „Боинг 737“ на авиокомпанијата „Копа ерлајнс“ и товарен „Боинг 767“ на американската компанија UPS.
Според информациите од Федералната управа за авијација на САД (FAA), судирот се случил околу 21:15 часот по локално време, додека двата авиона се движеле по рулните патеки на аеродромот.
Крилото на патничкиот авион удрило во предниот дел на товарниот авион, по што веднаш бил пријавен инцидентот.
Во патничкиот авион, кој пристигнал од Панама, имало 166 патници и шест членови на екипажот.
Товарниот авион на UPS се подготвувал за лет кон Богота, главниот град на Колумбија.
На местото интервенирале екипи на итната медицинска помош, кои прегледале две лица со полесни повреди. Според првичните информации, немало потреба од нивно пренесување во болница.
Останатите патници и членови на екипажите биле безбедни.
Особено внимание привлекува комуникацијата со контролата на летање по судирот.
„Некој нè удри!“, пријавил пилотот на патничкиот авион.
Според американските медиуми, контролорите претходно му наложиле на екипажот на товарниот авион да му даде предност на патничкиот авион.
Од компанијата UPS потврдиле дека нивниот авион учествувал во инцидентот и дека екипажот е безбеден.
Американските воздухопловни власти започнале истрага за утврдување на точните околности на судирот.
По инцидентот, дел од авионите биле пренасочени кон други рулни патеки, но не биле регистрирани поголеми нарушувања во работењето на аеродромот.
Несреќата се случила само еден ден по големите технички проблеми во американскиот воздушен сообраќај, кога илјадници летови биле откажани или одложени.
Видео:








