ПРВ.мк
Свет

НЕШТО СЕ СЛУЧУВА ВО РУСИЈА: Граѓаните стравуваат од следниот потег на Путин

НЕШТО СЕ СЛУЧУВА ВО РУСИЈА: Граѓаните стравуваат од следниот потег на Путин

Рекорден број руски државјани патувале кон Грузија, Ерменија и Србија во текот на летото 2026 година, а според аналитичарите, една од главните причини за зголемениот интерес за заминување е стравот од нова воена мобилизација.

Рускиот независен портал „Верстка“ ги анализирал податоците на граничната служба при Федералната служба за безбедност (ФСБ), според кои од јули до септември биле регистрирани 660.300 патувања на руски државјани кон Грузија.

Тоа е за 43.300 повеќе од истиот период минатата година и дури 43 проценти повеќе во споредба со 2022 година.

Рекордни бројки се забележани и во Ерменија, со 402.300 патувања, како и во Србија, каде што биле регистрирани 64.800 пристигнувања на руски државјани.

Овие три земји се особено привлечни бидејќи овозможуваат безвизен влез за руските граѓани, а во нив веќе постојат руски заедници формирани по почетокот на војната во Украина.

Сепак, статистиката ги покажува преминувањата на границата, а не бројот на лица што трајно се иселиле од Русија.

Една од главните причини за загриженоста е новиот електронски систем за воени повици.

Според правилата, лицата што ќе добијат електронски повик за војска можат автоматски да се соочат со забрана за напуштање на земјата.

Дополнително, доколку не се јават во предвидениот рок, можат да следуваат ограничувања поврзани со управување возила, имотни трансакции и добивање кредити.

Кремљ повеќепати негираше дека подготвува нова масовна мобилизација.

Сепак, организацијата „Ковчег“, која им помага на руските граѓани при преселување во странство, наведува дека барањата за итна помош при емиграција од јули се зголемиле приближно осумпати.

Експертите посочуваат дека покрај стравот од мобилизација, врз одлуките за заминување влијаат и економската неизвесност, ограничувањата на интернетот, војната во Украина и нападите со дронови.

За разлика од 2022 година, кога заминувале претежно луѓе со заштеди и план за работа во странство, сега меѓу оние што бараат излез има и граѓани без јасна стратегија за преселување.

Иако засега нема официјална одлука за нова масовна мобилизација, неизвесноста ги поттикнува дел од руските граѓани да ја напуштат земјата превентивно.