Српски државјанин (51) заврши во истражен затвор во Германија откако е осомничен дека пукал кон полицаец, а потоа со часови се забарикадирал во стан со своите три малолетни ќерки во Дортмунд.
Според германските медиуми, инцидентот започнал во ресторан каде што мажот наводно предизвикал хаос, им се заканувал на гостите и употребил бибер-спреј. По пријавата, на местото пристигнала полиција, а осомничениот наводно испукал куршум кон полицаец. За среќа, проектилот завршил во панцирот и службеникот не бил сериозно повреден.
По пукањето, мажот избегал во својот стан каде што се забарикадирал со трите ќерки на возраст од 7, 10 и 12 години. На терен биле распоредени специјални полициски единици, оклопни возила и преговарачи, додека околината била целосно блокирана.
Драмата траела со часови и завршила дури во раните утрински часови, кога осомничениот по разговор со своите родители решил да се предаде. Полицијата го уапсила без употреба на сила, а во станот било пронајдено и оружјето со кое пукал.
Децата не биле повредени и за нивната грижа е задолжена службата за заштита на деца и млади. Германското обвинителство најави дека против мажот ќе биде покрената постапка за обид за убиство на полицаец, а можно е да се соочи и со дополнителни обвиненија.

Според информациите на истражителите, тој и претходно бил осудуван, а во 2025 година добил пресуда поради закани.







