СВР Скопје за кратко време го расчисти случајот со опожарувањето на две службени возила сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Откако денеска во 12:13 часот бил пријавен пожарот, полициските службеници веднаш презеле интензивни мерки за идентификување и пронаоѓање на сторителот.
Во рамки на истрагата, бил идентификуван и лишен од слобода И.Д. (44) од Скопје, за кого постои основано сомнение дека е поврзан со инцидентот. Осомничениот е задржан во полициска станица.
При полициските активности била пронајдена и облеката што тој ја носел во моментот на извршување на делото, што ќе биде предмет на понатамошна истрага.
Од МВР информираат дека во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат дополнителни дејствија за целосно расчистување на случајот, по што против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.







