Жестока пресметка меѓу две групи во Германија завршила со тешко повреден 24-годишен македонски државјанин, откако во текот на тепачката бил нападнат со нож. Инцидентот се случил во саботата рано наутро, во близина на градскиот плоштад во Бад Зегеберг.
Според информациите од полицијата, настанот се одвивал околу 04:20 часот на улицата „Кирхштрасе“. Расправијата најпрво започнала со вербален конфликт, но за кратко време прераснала во физичка пресметка меѓу присутните.
Во текот на тепачката, 23-годишен жител на Бад Зегеберг со германско државјанство употребил нож, при што му нанел тешки повреди на 24-годишниот Македонец. Во пресметката бил повреден и 23-годишен државјанин на Ирак.
По нападот, случајни минувачи и други лица кои први пристигнале на местото се обиделе да му помогнат на тешко повредениот Македонец. Тие му укажале прва помош и се обиделе да го запрат крвавењето додека чекале да пристигнат надлежните служби.
Кога пристигнале полициските службеници, тие веднаш продолжиле со укажување итна помош. Со употреба на подврска успеале да го сопрат крвавењето, по што повредениот бил предаден на екипата на итната медицинска помош.
24-годишникот со возило на итната помош бил пренесен во болница, каде што уште истото утро бил итно опериран. Неговата повреда првично била оценета како опасна по живот, но по извршената операција лекарите потврдиле дека повеќе не се наоѓа во животна опасност.
Во меѓувреме, по завршувањето на пресметката, три лица, меѓу кои и главниот осомничен за нападот, побегнале со автомобил. Полицијата подоцна успеала да ги пронајде во локална клиника, каде што биле привремено лишени од слобода.
Станува збор за 23-годишниот осомничен за нападот и уште двајца германски државјани на возраст од 22 и 23 години. Сите тројца имале полесни повреди кои ги добиле за време на физичката пресметка.
По наредба на Обвинителството во Кил, од вкупно петмина учесници во инцидентот биле земени примероци од крв. Откако полициските постапки биле завршени и сите лица биле идентификувани, Обвинителството донело одлука мажите да бидат пуштени на слобода и понатаму да се бранат од слобода.
Случајот го истражува Криминалистичката полиција од Бад Зегеберг, која продолжува со утврдување на сите околности поврзани со пресметката и нападот со нож.
Од полицијата упатуваат апел до сите граѓани кои биле сведоци на настанот или располагаат со информации што би можеле да помогнат во истрагата, да се обратат во надлежната полициска станица.










