Најмалку осум лица го загубија животот, а едно е тешко повредено во вооружен напад во западниот дел на Турција. По трагичниот настан, турската полиција започнала потрага по осомничениот напаѓач, за кого локалните медиуми објавуваат дека побегнал со црвен автомобил.
Информацијата за нападот ја потврдила канцеларијата на гувернерот на покраината Афјонкарахисар, од каде што соопштиле дека осум турски државјани починале, додека едно лице се здобило со сериозни повреди.
Првите две жртви биле пронајдени на пат во селото Јукаритандир. Станувало збор за две жени кои имале прострелни рани. И покрај тоа што веднаш биле преземени мерки за нивно спасување и биле пренесени во болница, лекарите не успеале да им ги спасат животите.
Потрагата по жртвите продолжила и на други локации. Во селото Кијир биле пронајдени уште три тела, додека дополнителни три лица биле пронајдени мртви во селото Ајазини. Со тоа, бројот на загинати во нападот се искачил на осум.
Едно лице било пронајдено во критична здравствена состојба и итно било пренесено во болница, каде што му била укажана медицинска помош.
Во меѓувреме, полицијата интензивно трага по маж за кого постои сомнение дека е поврзан со нападот. Според информациите што ги објавија турските медиуми, осомничениот бил забележан како го напушта местото на настанот со црвен автомобил.
Засега не се објавени дополнителни информации за мотивите за нападот, ниту за идентитетот на осомничениот. Надлежните служби продолжуваат со истрагата и потрагата со цел да се утврдат сите околности под кои се случил вооружениот напад.




