Легендарната велшка пејачка Bonnie Tyler повеќе не е во кома, но нејзината здравствена состојба и натаму е сериозна, потврди нејзиниот претставник за британските медиуми.
Според информациите, 75-годишната музичка ѕвезда во мај била подложена на итна операција поради сериозни компликации со слепото црево. По хируршкиот зафат, таа доживеала срцев удар и морала да биде реанимирана, по што лекарите ја ставиле во индуцирана кома за полесно закрепнување.
Нејзиниот тим соопшти дека состојбата постепено се подобрува, но процесот на опоравување е бавен и внимателно се следи од медицинските тимови. Пејачката и понатаму се лекува на оддел за интензивна нега во болница во португалскиот регион Алгарве.
Според блиски пријатели, здравствените проблеми започнале со болки во стомакот додека престојувала во Лондон. Иако првичните прегледи не покажале сериозен проблем, по пристигнувањето во Португалија нејзината состојба нагло се влошила, по што била итно хоспитализирана и оперирана.
Поради здравствените компликации, сите настапи и концерти на Бони Тајлер се откажани до крајот на август. Нејзиниот менаџмент им се заблагодари на фановите ширум светот за поддршката, пораките и добрите желби во овој тежок период.
Лекарите засега се оптимисти и очекуваат пејачката целосно да закрепне по завршувањето на третманот и рехабилитацијата.








