Албанија се соочува со сериозна криза – 14 активни пожари и повеќе од 20 регистрирани во текот на денот, од кои само седум се локализирани. Според министерот за одбрана Пиро Венгу, пламените јазици зафаќаат големи површини, особено на југот од земјата, каде што противпожарните единици, војската, полицијата и доброволците работат без прекин.
Во гаснењето учествуваат и меѓународни сили – хрватски и шведски авиони „Канадер“ веќе се на терен, а во наредните часови се очекува пристигнување на два хеликоптери од Обединетите Арапски Емирати, еден „Канадер“ од Грција и два хеликоптери од европскиот механизам од Чешка и Словачка.
„Нашите напори се насочени кон заштита на населените места и создавање безбедносен периметар во критичните подрачја,“ изјави Венгу, додавајќи дека силниот ветер и високите температури значително ја отежнуваат ситуацијата.
Државниот комитет за цивилни вонредни ситуации наложи максимална готовност на сите општини, со мобилизација на оперативните тимови во секое жариште. И покрај намалениот ризик на дел од локациите благодарение на воздушните мисии и копнените интервенции, состојбата останува загрижувачка, а жителите во ризичните зони се во постојана неизвесност.