Утрово во рускиот град Ухта одекнаа експлозии, откако украински дронови нападнаа локална нафтена рафинерија.
Ова е прв пат овој дел од Русија да биде нападнат, а градот се наоѓа на околу 2.000 километри од границата со Украина.
Според првичните информации, нападот бил изведен со дрон врз нафтената рафинерија. Специјални служби се на терен во близина на фабриката, а мобилниот интернет во тој регион почнал да се исклучува.
Во меѓувреме, видеа од нападот почнаа да се појавуваат на социјалните мрежи.
Градот Ухта има околу 77.000 жители.
Дронови нападнаа и во регионот Саратов, предизвикувајќи експлозии и пожар во близина на друга нафтена рафинерија. Една личност загина, а има и повредени.
Началникот на Саратовскиот регион, Роман Бусаргин, изјави дека веројатно има и повеќе жртви. Тој објави дека украински дрон се урнал во дворот на станбена зграда. Жителите се евакуирани, а во блиска училишна зграда е отворен привремен центар за сместување.
Нападот предизвика оштетување на индустриско претпријатие во Саратовскиот регион. Пред нападот имаше предупредување за можен напад со дронови.
Поради нападите, десетици летови беа откажани на рускиот аеродром во Сочи.
Украинските дронови исто така целеа складиште во Татарстан каде што се чуваат дронови од типот „Шахед“.
Рускиот систем за противвоздушна одбрана (ПВО) во текот на ноќта собори 121 украински дрон над 14 руски региони и Азовското Море, соопшти руското Министерство за одбрана.
Еве бројката на соборени дронови по региони:
- 29 над Краснодарскиот крај
- 15 над Крим
- 13 над Брјанска област
- 12 над Белгородска област
- 9 над Воронешка област
- 8 над Саратовска област
- 8 над Ставрополски крај
Дронови се соборени и над региони: Калуга, Тула, Ростов, Рјазан, Смоленск, Орел, Твер и Азовско Море.