Од зградата што вечерва се сруши при силниот земјотрес во центарот на градот Синдиѓи во округот Баликешир спасени се четири лица, додека се трага по уште две, соопшти градоначалникот на Синдиѓи, Серкан Сак.
„Постојат повеќе од десет места каде што се урнале објекти. Зградата во центарот каде што живееја шест лица се сруши. Спасивме четири лица, а спасувачките операции продолжуваат за уште две. Зградата се наоѓа покрај канцеларијата на окружниот гувернер во центарот на Синдиѓи. Во околните села исто така има урнати згради“, рече Сак и додаде дека спасувачките тимови се на терен и ја проценуваат штетата, пренесуваат турските медиуми.
Според првите информации, земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот дел на Турција, при што се урнаа неколку станбени објекти во округот Синдиѓи во Баликешир.
Предупредување за граѓаните
Властите предупредија граѓаните да не влегуваат во оштетените згради и да ги следат официјалните известувања.
Четири земјотреси за еден ден
По земјотресот од 6,1 степен што вечерва го погоди западниот дел на Турција во областа Баликешир, следеа уште три помали земјотреси со јачина од 4 степени, објави Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни ситуации на Министерството за внатрешни работи на Турција (AFAD).
Земјотресот беше почувствуван во централниот дел на провинцијата Баликешир, како и во Истанбул и ширум регионот на Мраморното и Егејското море — во Измир, Кутахија, Јалова, Маниса, Ушак, Ајдин, Ескишехир, Сакарија, Јалова и Текирдаг.
Епицентарот бил на длабочина од 11 километри, на 52 километри од градот Баликешир.
Земјотресот беше регистриран во 19:53 по локално време, а според сведоштва на жители, потресот бил силен и траел од 10 до 20 секунди.
Привремено запрен авионскиот сообраќај
Осум минути по главниот земјотрес од 6,1 степен следеле два помали потреси: еден со јачина од 4,6 степени во 20:01 и друг со јачина од 4,1 степен во 20:05 часот.
Поради земјотресот што се почувствува во Истанбул, контролорот на летови на аеродромот „Сабиха Гокчен“ издал предупредување до авионите што слегуваа.
Поради тоа, авиосообраќајот бил прекинат на пет минути додека се извршувале проверки на пистата. По проверките не биле утврдени никакви проблеми и летовите продолжиле.