Педесет и четиригодишен пешак од Велес се здобил со тешки телесни повреди откако бил прегазен од патничко возило во скопското село Визбегово, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Според информациите од полицијата, сообраќајната несреќа се случила на 9 јануари 2026 година околу 21:20 часот на улицата „4“ во Визбегово. Во несреќата учествувало патничко возило марка „опел“ со скопски регистарски таблички, управувано од К.Р. (20) од Визбегово, кое удрило во пешакот Ц.Ц. (54) од Велес.
Од силината на ударот, пешакот се здобил со тешки телесни повреди и итно бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде лекарска екипа ги констатирала повредите и му била укажана соодветна медицинска помош.
На местото на несреќата бил извршен увид од страна на увидна екипа на СВР Скопје, а надлежните служби преземаат мерки за целосно утврдување на причините и околностите под кои се случил настанот.
















