Денешното рочиште во Основниот кривичен суд за смртта на мајката Ивана и нејзината шестгодишна ќерка Катја во Карпош, извади на виделина докази кои ќе ве остават без зборови. Снимките кои беа пуштени во судницата не се само докази против обвинетиот Стојанче Јовановски, туку се најголемиот срам за македонските институции кои дозволија два млади животи да згаснат пред нивни очи.
Во судницата ечеа аудиоснимки на кои се слуша гласот на Ивана како очајно бара помош од полицијата бидејќи сопругот ја заклучил надвор и не ѝ дозволува да влезе во сопствениот стан. Одговорот што го добила од операторот е скандалозен: наместо итна интервенција, ја препраќаат кај „куќниот совет“. Оваа баналност на системот ја вратила Ивана директно во рацете на насилникот, во амбиент на страв и постојана контрола што траела со години.
Покрај аудиоснимките, обвинителството прикажа и видео од системот „Сејф сити“. На него јасно се гледа како Стојанче физички ја напаѓа Ивана – ја удира со шлаканици на јавно место. Ова повеќе не се само „брачни недоразбирања“, како што се обидуваше да ги претстави одбраната. Видеото е крунски доказ дека патот до кобниот пад од балконот бил поплочен со постојано понижување и суровост која никој не сакал да ја види.
Хронологијата на рочиштето исцрта мрачна слика. Трагедијата во Карпош не беше случаен инцидент, туку завршница на долготрајно изживување. Обвинетиот Стојанче Јовановски се товари за загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство, но јавноста по денешните снимки прашува: Кој ќе одговара од службите? Ако насилството беше на камера, ако молбите беа снимени, зошто Ивана и Катја денес не се живи? Овој случај е обвинение против цела држава која реагира дури кога е предоцна!










