СВР Струмица – Одделението за внатрешни работи Радовиш поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Радовиш против Т.Д. (62) и С.Д. (62), поради сомнение дека подолг период произведувале и пуштале во продажба мраз кој не ги исполнувал условите за безбедна употреба.
Двајцата, според пријавата, не биле регистрирани производители на мраз, а производството го организирале во импровизирани и нехигиенски услови. Потоа мразот го пласирале на правни и физички лица.
Во рамки на полициската акција биле извршени претреси на четири локации во Радовиш. При претресите, полицијата, во координација со инспектор од Агенцијата за храна и ветеринарство, пронашла замрзнувачи во кои имало поголема количина спакуван мраз подготвен за продажба.
Биле пронајдени и машини што се користеле за производство на коцки мраз.
За да се утврди безбедноста на производот, биле земени примероци од водата која се користела како суровина, од готовиот мраз, како и од опремата наменета за производство.
Резултатите од лабораториските анализи покажале дека водата што се користела за производство ги исполнувала условите за употреба. Сепак, во готовиот мраз, како и во земените примероци од опремата, биле пронајдени бактерии ешерихија коли и колиформни бактерии.
Присуството на овие бактерии, според надлежните, укажува на контаминација на производот и значи дека мразот не бил безбеден за употреба и можел да претставува ризик по здравјето на луѓето.
По добивањето на резултатите од испитувањата, Агенцијата за храна и ветеринарство ги запечатила и одзела машините за производство на мраз и замрзнувачите.
Од објектите биле одземени или уништени околу 850 килограми готов мраз.
При контролите било откриено и дека водата за производство на мраз во подрумските простории била обезбедувана преку приклучок кој не бил регистриран преку водомер. Тоа значи дека потрошувачката на вода од тој приклучок не била мерена од страна на надлежното јавно претпријатие.
Но, при претресот на уште еден објект што го користеле пријавените, бил пронајден и друг проблем.
Објектот бил бесправно изграден, а во него полицијата пронашла воздушна пушка за која, според утврденото, немале соодветна документација.
Т.Д. и С.Д. биле лишени од слобода и задржани во Полициската станица Радовиш.
Од полицијата информираат дека по целосното документирање на случајот ќе следуваат и дополнителни пријави за останатите утврдени неправилности.
Случајот го истражуваат надлежните институции, додека кривичната пријава е поднесена поради сомнение за продолжено кривично дело „производство и пуштање во промет штетни прехранбени и други продукти“.







