Големиот пожар што избувна во областа на Сивири и Фурка на Халкидики се проширил кон населените места, поради што грчките власти издале повеќе наредби за евакуација преку системот 112.
Огнот првично зафатил ниска вегетација, но силниот ветер придонел за негово брзо ширење. Според информациите што ги пренесуваат грчките медиуми, пламените јазици стигнале до првите куќи во Сивири, а има и извештаи за опожарени објекти.
Пожарникарските сили се дополнително засилени. На терен интервенираат околу 125 пожарникари, три пешадиски групи и 41 противпожарно возило, а во гаснењето се вклучени и летала.
На лицата кои се наоѓале во Сивири првично им било наложено да се движат кон Мола Калива, а подоцна и кон Касандрија. Жителите и туристите во Фурка биле повикани да се упатат кон Неа Скиони.
Според локалните и централните грчки власти, пожарот тешко, но постепено се става под контрола. Надлежните очекуваат во текот на ноќта да успеат дополнително да го изолираат огнот од населените места.
Екипите остануваат на терен, а граѓаните и туристите се повикуваат строго да ги следат известувањата од Цивилната заштита.








