ПРВ.мк
Црна Хроника

Еболата се шири побрзо од очекуваното – здравствениот систем е пред колапс

Еболата се шири побрзо од очекуваното – здравствениот систем е пред колапс

Конго се соочува со сериозно влошување на состојбата со еболата, откако здравствените власти пријавија еден од најголемите дневни скокови на новозаразени од почетокот на епидемијата.

Според официјалните податоци, во последните 24 часа биле регистрирани 72 нови случаи, со што вкупниот број заразени достигнал 782 лица. Од нив, 181 лице починале како последица на болеста, а само во последното деноноќие биле пријавени уште 29 смртни случаи.

Здравствените експерти предупредуваат дека реалниот број на заразени најверојатно е значително поголем, бидејќи вирусот се шири во оддалечени подрачја каде населението често се движи и каде е тешко навремено да се идентификуваат и изолираат заразените лица.

Од организацијата „Лекари без граници“ оценуваат дека епидемијата моментално се шири побрзо отколку што здравствените служби успеваат да реагираат. Голем број пациенти пристигнуваат во здравствените центри во тешка состојба, а многумина претходно воопшто не биле евидентирани како контакти на заразени лица.

Најголем дел од случаите се регистрирани во источната покраина Итури, но заболени има и во Северен Киву и Јужен Киву, како и во соседна Уганда.

Експертите стравуваат дека доколку трендот продолжи, ова би можело да прерасне во една од најголемите епидемии на ебола досега забележани во регионот.