ПРВ.мк
Црна Хроника

Величел воен злосторник на социјална мрежа, па заработил казна

Величел воен злосторник на социјална мрежа, па заработил казна

Дваесет и осумгодишен хрватски државјанин добил парична казна од 700 евра поради објава на социјалната мрежа ТикТок, во која, според полицијата, величел лице осудено за воени злосторства.

Полицијата во хрватскиот град Оточац завршила криминалистичка истрага против мажот, за кого било утврдено сомневање дека го прекршил Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.

На ТикТок објавил фотографија од Ратко Младиќ

Според полициските информации, осомничениот преку социјална мрежа објавил фотографија од лице осудено за воени злосторства, со што предизвикал немир и вознемиреност кај граѓаните.

Како што неофицијално дознава хрватскиот портал „Дневник.хр“, станува збор за објава на ТикТок во која бил величен Ратко Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска.

Младиќ е правосилно осуден на доживотен затвор од меѓународниот суд во Хаг за геноцидот во Сребреница и други воени злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина.

Изречена казна од 700 евра

По завршувањето на криминалистичката истрага, полицијата на 28-годишниот маж му издала прекршочен налог со парична казна од 700 евра.

Хрватската полиција не го објавила идентитетот на казнетото лице, ниту дополнителни детали за содржината на спорната објава.