Четворица доброволци на американската вселенска агенција НАСА излегоа од специјално изградена лабораторија во Хјустон, откако поминаа дури 378 дена во целосна изолација, симулирајќи ги условите во кои би живееле астронаутите за време на идните мисии на Марс.
Експериментот, наречен CHAPEA, имал цел да испита како луѓето се справуваат со долготрајна изолација, ограничени резерви на храна и вода, како и со отежната комуникација со Земјата.
Повеќе од една година живот како на Марс
Четиричлениот тим влегол во специјално изградениот објект на 19 октомври 2025 година. Просторот со површина од 158 квадратни метри бил изработен со помош на 3Д-печатач во Вселенскиот центар „Џонсон“ на НАСА.
За време на престојот, доброволците одгледувале растенија во почва што ги имитира условите на Марс, го одржувале објектот и извршувале различни научни задачи.
Дополнителен предизвик претставувала комуникацијата со контролниот центар, бидејќи пораките пристигнувале со временско задоцнување, слично како при вистинско патување меѓу Земјата и Марс.
„Ова беше пеколно тешка година“
Во мисијата учествувале командантот Рос Елдер, лекарката Елен Елис, научниот офицер Метју Монтгомери и инженерот за лет Џејмс Спајсер.
По излегувањето од изолацијата, Елис признала дека искуството било исклучително напорно.
„Ова беше пеколно тешка година. Бевме астронаути во симулирана мисија, доброволно затворени“, изјавила таа.
НАСА се подготвува за испраќање луѓе на Марс
Според „Ројтерс“, експериментот е дел од подготовките на НАСА за можни човечки мисии на Марс во текот на 2030-тите години.
Директорката на Вселенскиот центар „Џонсон“, Ванеса Вајч, нагласила дека ваквите истражувања се неопходни за разбирање на физичките и психолошките предизвици со кои ќе се соочат идните астронаути.
Ова е втор ваков експеримент на НАСА. Првата четиричлена екипа исто така поминала 378 дена во изолација, во периодот од 2023 до 2024 година.
По завршувањето на мисијата, доброволците ќе поминат уште две недели на медицински процени и разговори со научниците.
Нивните искуства ќе помогнат во подготовката на идните генерации астронаути за долготрајни патувања милиони километри далеку од Земјата.









