Страшен случај на семејно насилство ја потресе Хрватска, откако 48-годишен маж беше неправосилно осуден на три години затвор затоа што фрлил десетгодишно девојче низ прозор од семејна куќа во околината на Загреб.
Инцидентот се случил на 7 декември минатата година, кога девојчето се спротивставило на чистење на ушите со стапче. Според судски утврдените факти наведени во медиумскиот извештај, очувот го фатил детето за рака и нога, го подигнал и го фрлил низ прозор.
Девојчето паднало врз камења и се здобило со скршеница на коските на подлактицата.
Во болница открила низ каков пекол поминувала
При лекарскиот преглед, медицинскиот персонал забележал бројни модринки и гребнатини по телото на детето.
Девојчето раскажало дека очувот претходно неколкупати му ја удирал главата од ѕид.
Дополнително открило дека семејството живеело во исклучително лоши услови, во дом без соодветно осветлување и со болви.
Особено потресен е податокот дека девојчето поминало три дена во болница, а никој од семејството не дошол да го посети. Облека му донела една од лекарките.
Очувот ја негирал вината
Обвинетиот тврдел дека девојчето само се повредило додека викало и удирало со рацете по кујнскиот под.
Првично, пак, на екипата на итната медицинска помош ѝ кажал дека детето паднало во када.
Судот му изрекол тригодишна затворска казна и задолжително психијатриско лекување за време на издржувањето на казната. Притворот му бил продолжен.
Како олеснителни околности биле земени предвид неговата претходна неосудуваност и намалената пресметливост во моментот на делото.
Според хрватските медиуми, семејството и претходно било под надзор на надлежните служби, а едно дете веќе било итно издвоено од домаќинството поради сомневање дека животот му е загрозен.
По болничкото лекување, десетгодишното девојче било згрижено на безбедно место.










