Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, продолжува со теренските средби со граѓаните, со цел нивните предлози, потреби и иницијативи да бидат земени предвид при подготовката на Програмата за работа за 2027 година.
Овојпат Јанчев оствари средби со жителите на Љубаш 1 и 2 и Кула 1 и 2, каде преку непосреден разговор се дискутираше за актуелните потреби и приоритетите за подобрување на секојдневните услови за живот.
Во фокусот на средбите беа конкретните предлози на граѓаните, нивните забелешки и можностите за идни активности во овие населени места.
Според Јанчев, учеството на граѓаните има значајна улога во планирањето на идниот развој на Кавадарци, бидејќи токму тие најдобро ги познаваат потребите и предизвиците во своите населби.
„Секој предлог и секоја сугестија се значајни во креирањето на Програмата за работа за 2027 година“, истакна Јанчев.
Со продолжувањето на теренските средби, градоначалникот ја нагласува важноста на директната комуникација со граѓаните и нивното вклучување во утврдувањето на идните општински приоритети.
Целта е преку отворен дијалог да се идентификуваат потребите на локалното население и да се создаде основа за планирање на проекти што ќе придонесат за понатамошен развој на Кавадарци.










