Јовица Андовски е именуван за нов директор на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), на местото на досегашниот директор Оливер Миланов, соопшти Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), пренесува 4news.mk.
Андовски во минатото долги години ја извршуваше функцијата заменик-министер за здравство, а од СПМ сметаат дека неговото професионално искуство и досегашниот ангажман претставуваат значајна основа за успешно раководење со институцијата.
Партијата преку соопштение му честиташе за новата функција, истакнувајќи ја неговата посветеност и одговорност.
„Со својата одговорност, сериозност и посветеност кон Социјалистичката партија на Македонија, Јовица Андовски претставува пример за приврзан и чесен партиски член“, наведуваат од СПМ.
Истовремено, од партијата изразија благодарност до досегашниот директор Оливер Миланов за неговиот ангажман и раководењето со Агенцијата.
Според СПМ, досегашната работа на Миланов претставува добра основа за негово идно ангажирање на други високи и одговорни функции во извршната власт.
Од партијата порачаа дека ќе продолжат со политичките активности насочени кон интересите на граѓаните и државата.










