Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека е одржана национална консултација за подготовка на нов Закон за лековите, со учество на здруженија на пациенти, професионални комори, претставници на фармацевтската индустрија, експерти и владини институции.
Новиот закон треба да го замени постојниот закон од 2007 година, кој во изминатите 19 години бил изменуван повеќе од 20 пати.
Клековски посочи дека со реформата се предвидува лековите и медицинските средства да бидат регулирани со посебни закони, а во следната фаза да се подготви и посебен закон за фармацевтската, односно аптекарската дејност.
Една од главните цели е целосно усогласување на домашната регулатива со европското законодавство и создавање појасен и посовремен систем за лекови.
Според министерот, за пациентите тоа треба да значи поголема сигурност дека терапијата ќе биде достапна навреме, дека нејзиниот квалитет и безбедност ќе бидат соодветно контролирани и дека ќе имаат точни информации за употребата на лековите.
Во следната фаза ќе бидат разгледани сите забелешки од јавната консултација, а најавени се и посилни механизми за справување со недостигот на лекови и поедноставување на системот за пријавување несакани реакции.
Паралелно, Министерството и МАЛМЕД треба да подготват план за имплементација и временска рамка за доставување на законот во законодавна постапка.
„Законот ќе вреди онолку колку што ќе се примени. Затоа за секоја нова обврска мора да знаеме кој ја спроведува, со какви кадри и средства и во кој рок“, порача Клековски.
Тој им се заблагодари на работната група, на СЗО Македонија и на сите учесници во консултативниот процес.












