ПРВ.мк
Свет

ЕУ СО ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ: Секое домаќинство треба да биде подготвено за 72 часа криза

ЕУ СО ВАЖНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДО ГРАЃАНИТЕ: Секое домаќинство треба да биде подготвено за 72 часа криза

Европската комисија претстави нови насоки за подготвеност при кризни ситуации, со кои ги повикува граѓаните однапред да обезбедат основни резерви што ќе им овозможат самостојно да ги задоволат најважните потреби во првите 72 часа од евентуална вонредна состојба.

Препораките беа претставени на 3 ноември, на Европскиот форум за цивилна заштита, од страна на еврокомесарката за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лахбиб.

Според насоките, домаќинствата треба да имаат доволно вода за пиење, храна со подолг рок на траење, неопходни лекови, батериски светилки и средства за комуникација.

Дополнително, се препорачува подготовка на торба за итни случаи, во која ќе бидат сместени најнеопходните предмети што би можеле да затребаат при брза евакуација од домот.

Целта не е да се создава паника, туку граѓаните да бидат подготвени за првите три дена од криза, додека надлежните служби ги организираат потребните активности и помошта за населението.

Новите насоки се дел од пошироката европска стратегија за зајакнување на отпорноста при природни катастрофи, технолошки инциденти и други вонредни ситуации.

Европската комисија препорачува и дополнителни проверки на националните системи за цивилна заштита, со цел да се утврди дали клучните институции и служби можат непречено да функционираат во кризни околности.

Еврокомесарката Лахбиб најави и воспоставување годишен Ден на подготвеноста на ЕУ, кој првпат треба да се одбележи во октомври 2027 година.