ПРВ.мк
Црна Хроника

Хаос на европското небо: Закани со бомби во повеќе авиони, летови пренасочени и аеродроми под тревога

Хаос на европското небо: Закани со бомби во повеќе авиони, летови пренасочени и аеродроми под тревога

Серија закани со бомби предизвика сериозни нарушувања во авиосообраќајот низ Европа, откако најмалку четири авиони во вторникот, 3 ноември, добиле дојави за можни експлозивни направи.

Инцидентите предизвикале пренасочување на летови, привремено затворање на аеродром и засилени безбедносни проверки во повеќе европски држави.

Драма на аеродромите во Полска

Авион на полската авиокомпанија LOT, кој летал од Лондон кон Варшава, бил пренасочен од аеродромот „Шопен“ кон блискиот аеродром „Модлин“.

Аеродромот бил привремено затворен додека безбедносните служби го проверувале авионот. По извршениот преглед било потврдено дека не е пронајдена експлозивна направа, по што сообраќајот бил нормализиран.

Закана добил и авион на компанијата SAS, кој летал од Копенхаген кон Варшава, но тој слетал според планираниот распоред.

Закани и за два авиона со 361 патник

Бугарските власти соопштиле дека закани со бомби добиле и два авиона што летале кон Софија.

Едниот авион, на компанијата Wizz Air, полетал од Бергамо со 176 патници, додека вториот, на Ryanair, летал од Даблин со 185 патници.

Двата авиона безбедно слетале, а по деталните проверки не биле пронајдени експлозивни направи.

Инциденти и во Унгарија и Шпанија

Еден ден претходно, авион на Wizz Air што летал од Лондон кон Софија бил пренасочен кон Будимпешта поради слична закана.

Во меѓувреме, делови од аеродромот во Мурсија, Шпанија, биле обезбедени по дојава за бомба во авион на Ryanair што пристигнал од Манчестер.

И во овој случај проверките покажале дека станува збор за лажна дојава, по што аеродромот продолжил со нормална работа.

Според досегашните информации, во проверените авиони не биле пронајдени експлозивни направи. Засега не е познато дали заканите се меѓусебно поврзани и кој стои зад нив.